FAQ

1. Што е отворен инвестициски фонд?
- Отворен инвестициски фонд претставува посебен имот, без својство на правно лице, чии сопственици на удели имаат право на сразмерен дел во добивката во фондот и право да бараат откуп на документите за удел.

2. Што е Проспект на фондот?
- Проспект на Фондот е документ во кој поблиску се дефинираат прашања поврзани со инвестицискиот фонд, како што се, инвестициската полтика, ризици, принципи на инвестирање, учество во добивката, името и седиштето на депозитната банка, надместоците и трошоците кои паѓаат на товар на инвестицискиот фонд и инвеститорот, начин на известување и информирање, права и обврски на сопственикот на удели, и др. Пред да стане сопственик на удел во Фондот, инвеститорот е должен да се запознае со содржината на Проспектот и врз таа основа да ја донесе својата инвестициска одлука


3. Кој може да вложува во отворен инвестициски фонд?
Отворен инвестициски фонд е наменет за сите домашни и странски, физички и правни лица.


4. За која се цел се основа отворен инвестициски фонд?
- Отворен инвестициски фонд се основа со цел здружување на парични средства наменети за инвестирање, со кои за сметка на инвеститорите управува друштво за управување со инвестициски фондови.
Тие средства се инвестираат во согласност со инвестициската политика наведена во Проспектот, во различни видови на финансиски средства, со цел остварување на добивка и намалување на ризикот од вложување. Средствата на инвестицискиот фонд се во владеење на сопствениците на уделите во Фондот и тоа сразмерно со нивното учество во Фондот. Се чуваат одвоено од имотот на Друштвото кое управува со тој фонд и Депозитната банка каде се чуваат.


5.Кој го контролира работењето на инвестициските фондови?
- Работењето на инвестицискиот фонд е регулирано со Законот за инвестициски фондови и е под надзор на Комисијата за хартии од вредност.


6. Како да донесте инвестициска одлука?
- Пред да донесете одлука за избор на отворен инвестициски фонд во кој ќе ги инвестирате Вашите средства, потребно е да размислите за:
• Вашата цел на инвестирање: Дали сакате да го решите вашето станбено прашање, да ги обезбедите вашите деца за школување, да заштедите за пензија? Вашата цел зависи од Вашите финансиски можности и одбраниот период на инвестирање.
• Вашите финасиски можности: колкав дел од вашите месечни примања сте подготвени да ги издвоите и инвестирате?
• Нивото на ризикот кое сте спремни да го прифатите: колкав ризик овозможува да се чувствувате незагрижено?


7. Колку се инвестициските фондови сигурни?
- Индустријата на инвестициски фондови е една од најстрого регулираните во Република Македонија. Законот за инвестициски фондови е конципиран во согласност со најдобрите меѓународни пракси за регулирање на овие институции. Направен е така да инвеститорите се заштитени во најголема можна мера од злоупотреба и манипулација. Комисијата строго ја регулира управата на Друштвото, а депозитната банка ја контролира вредноста на средствата на Фондот и утврдува дали инвестираните средства се во согласност со Проспектот на фондот.


8. Што е удел?
- Удел е сразмерен пресметковен дел во вкупните нето средства на инвестицискиот отворен фонд. Вредноста на инвестицискиот удел се пресметува така што нето вредноста на фондот се дели со вкупниот број на удели.


9. За што служи и како се пресметува вредност на удел?
- Кога инвеститорот ќе вложи одредени средства во Фондот, тој всушност купува одреден број на удели. Тој број на удели се добива кога износот на вложувањето (намалено за надоместокот за купување удели) се подели со вредноста на уделот на денот на уплатата.
Како што се менува вредноста на имотот на инвестицискиот фонд така се менува и вредноста на уделот. На основа на бројот на удели кои ги поседува, инвеститорот може секој ден да ја пресмета вредноста на својот влог во фондот како производ помеѓу дневната вредност на уделот и бројот на удели кои ги поседува.
Кога инвеститорот ќе посака да ги продаде дел или сите удели од Фондот, тоа го прави преку продажба на уделите на Друштвото кое управува со фондот. Средствата кои ќе бидат исплатени на инвеститорот се производ од бројот на инвестициски удели и вредноста на уделот на денот на пресметка.